МНТ го одложи спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“, Made in MNT“ за наесен

Македонскиот народен театар соопшти дека поради трагичниот настан во Кочани, закажаниот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето!, Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, што требаше да се одржи во четврток, 3 април, по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на оваа установа, се одложува за наесен.

Како што е најавено, во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниот распоред: во 10 и во 12 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“, а од 18 часот следуваат „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19 часот и „Торонто експрес“ од 21.30 часот.

„Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, патува во Атина, каде што во чест на одбележувањето 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, со наслов Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive, ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој, соопштија од МНТ.

Во рамките на 80 години МНТ на 5 април на малата сцена публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика.

Мултисензорно искуство, каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот ќе раскажат сосема нова приказна вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.

„Ви благодариме за разбирањето и за поддршката во овие тешки моменти и упатуваме најдлабоко сочувство до сите што тагуваат“, велат од МНТ.