МНРиНТ со протестна нота до Софија поради навредливата изјава на бугарскиот шеф на дипломатијата, Георгиев

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите на Република Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.

Во врска со ова, Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, г. Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада, соопштуваат од МНРиНТ на Македонија.

„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји. Очекуваме од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација“, порачуваат од македонското МНРиНТ.