МНР: Нашата Амбасада во Атина е во контакт со грчките власти во врска со тројцата македонски државјани осомничени за шверц на дрога

Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина оствари комуникација со официјални претставници на надлежните институции на грчкиот остров Миконос, од каде е добиена информација за тројца уапсени наши државјани осомничени за трговија со дрога, соопшти Министерството за надворешни работи.

Во соопштението на МНР, се посочува дека тројцата осомничени македонски државјани се со иницијали О.П, Г.П. и Н.Т..

„Амбасадата останува во контакт со официјалните институции од каде се очекува наскоро да се добие и официјална писмена потврда за деталите од овој настан“, се додава во соопштението на МНР.

Како што претходно денеска јави дописничката на МИА од Атина, тројца државјани на Северна Македонија – двајца мажи на возраст од 34 и 35 години и 21-годишна девојка, во средата биле уапсени на грчкиот остров Миконос под обвинение за трговија со дрога.

За разбивање на нарко картелот, како што соопштија од грчката полиција, полицајците од Миконос организирале акција, ги следеле движењето на сега веќе уапсените, ги лоцирале и ги уапсиле во моментите кога се селеле во друго сместување, за да и скријат трагите.