Многугодишно дрво во Карпош се заканува да падне - жителите реагираат

Многугодишно дрво што се наоѓа во паркчето спроти зграда 37 на булевар “Теодосија Гологанов” (карши студентскиот дом “Кузман Јосифонски Питу”) се заканува да падне. Стеблото му е искривено за 45 степени, поради што корењата му излегуваат од земјата, пишува Вечер. 

Станари од зградата стравуваат дека дрвото при некое невреме или само од себе, поради тежината, може во секој момент да падне и да направи штета на паркираните автомобили, или не дај Боже, да убие некого.

Станарите велат дека пред три дена се јавиле во јавното претпријатие “Паркови и зеленило”, но дека никој не доаѓа да ја види состојбата на дрвото и да го отстрани.

Од ЈП “Паркови и зеленило” објаснуваат дека без решение за отстранување издадено од Град Скопје, не смеат да исечат ниту едно дрво во градот.

– Станарите треба со писмено барање да се обратат до Секторот за комунални работи на Град Скопје во кое треба да назначат адреса и телефонски број. Потоа претставници на Град Скопје за неколку дена ќе излезат на терен за да ја констатираат фактичката состојба и да издадат Решение за сечење. Еден примерок од Решението се дава на странката, а другиот доаѓа во ЈП “Паркови и зеленило” за да го реализира – ни рече портпаролката на ЈП”Паркови и зеленило”