
Многу смеење и музика на последната вечер од Културно лето. Со стенд ап на Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски публиката се смееше до солзи, а потоа Теа и 2Exit ја загреаа атмосферата со македонски евергрини, сподели и опиша околу вчерашната атмосфера градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Ова, почитувани мои, беше уште едно Културно лето, последно во мојот мандат, каде си поминавме прекрасно и незаборавно.Но, тука не е крајот - ова е само увертира за она што следи, порача Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Тој исто така сподели и за денската атмосфера во рамки на Културното лето во Кисела Вода, која опиша дека поминала со насмевки, енергија и искрена среќа.
„Овој ,,Семеен ден” е симбол на вредностите што ги негуваме во Кисела Вода – топлина, поддршка, поврзаност. Настанот понуди богата програма: детски перформанси, мјузикл, танцови точки, спортски игри, креативни работилници, аниматори, маскоти, трамболини, фотозона и бројни изненадувања за најмладите. Настап имаа дечињата од градинките „8 Март“ и „Весели Цветови“, театарската група „Отпишани“, како и танцовиот клуб за деца, Dance Latina-Стефи, со неколку тематски кореографии. Атмосферата беше весела и динамична, а Парк „Македонија“ се претвори во простор исполнет со детска радост, истакна Ѓорѓиевски.