ММФ: Народната банка успешно го заштитува курсот на денарот

„Релаксираната монетарна политика е соодветна и Народната банка на Република Северна Македонија е подготвена да дејствува соодветно за да го заштити де-факто фиксниот курс на денарот", оцени шефицата на мисијата на ММФ Берглјот Баркбу.

Баркбу вели дека со оглед на клучното значење на капацитетот на Народната банка да презема навремени супервизорски активности за да ја обезбеди стабилноста на финансискиот систем, од суштинска важност е да се зачува нејзината независност.

„Ова ќе ѝ овозможи на централната банка и понатаму да ги остварува своите задачи за одржување на ценовната стабилност и за заштит а на финансиската стабилност, коишто се круцијални предуслови за одржлив раст", заклучи шефицата на мисијат на ММФ во изјава дадена по годишните редовни состаноци што се одржаа видеоконференциски во периодот од 9 до 18 ноември.

Во изјавата, меѓу другото, таа нагласува и дека според оцените на мисијата на ММФ, вкупниот банкарски систем и понатаму е добро капитализиран и профитабилен.

„Од голема важност е да се одржат строги правила за класификација на кредитната изложеност и за издвојување резервации за кредитите, со цел да се осигура дека банките имаат доволно резерви за покривање на потенцијалните загуби. Банките би требало да се охрабрат да се воздржат од дискреционо исплаќање дивиденди и од откуп на сопствени акции", порачува шефицата на ММФ.

Во изјавата е истакната и оценката на мисијата на ММФ, дека навремените мерки преземени од Народната банка и од Владата одиграле суштинска улога во ублажувањето на економското и социјалното влијание на пандемијата.

Од мисијата на ММФ истакнуваат дека се очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето. Истовремено е нагласено дека надминувањето на здравствената криза и понатаму е врвен приоритет и дека ќе биде од суштинско значење за заштитата на луѓето и економијата.

Според оцените на мисијата на ММФ, соопштени во изјавата на Баркбу, потребно е и натаму да се одржува релаксирана монетарна политика сѐ додека процесот на закрепнување е во тек. Истовремено е напоменато дека издвојувањето на соодветни резервации за потенцијални загуби на банките останува од клучно значење.

Во периодот од 9 до 18 ноември, мисијата на ММФ предводена од Берглјот Баркбу одржа и низа состаноци со експертските тимови на Народната банка, како и завршен состанок со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и севкупното раководство на Банката.