Младите за да имаат плата, па прифаќаат и работа на црно

Најголем дел од младите би прифатиле работа без договор за вработување и знаат дека за да работат мора да бидат пријавени, но не се информирани за агенциите за привремено вработување и не се запознаени со Законот за работни односи.

Младите ја препознаат сивата економија. Тие би работеле на црно, ако за тоа добијат добра плата. 

-Јас работам, не сум пријавен. Тоа се смета за работа на црно. Не ми пречи, бидејќи земам добра плата. Чекав со години за да најдам работа, така, сега кога ја најдов оваа, мислам само на парите, а секако дека би сакал да биде се како што треба, вели Виктор од Скопје. 

Денеска младите тешко доаѓаат до работа, па така кога ќе најдат нешто не им пречи, дали тоа ќе е се регуларно или ќе биде работа на црно. 

-Ако седам дома и да чекам се да биде регуларно, тешко дека ќе најдам работа. Ќе треба да зависам од родителите. Вака, подобро нешто, отколку ништо, вели Анастасија, која е дипломиран правник.