Младите во се чувствуваат исклучени, 76% од нив размислуваат да се иселат од државата

Младинската мобилност треба да биде сфатена сериозно особено затоа што, според наодите од истражувањето, 76.7% од младите кои живеат во Република Македонија размислуваат да се иселат, и тоа пред сè во земјите членки на ЕУ (58%). Клучната причина што ги поттикнува младите да размислуваат за иселување е лошиот квалитет на живот во Република Македонија. Ова го покажало истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики кое се заснова на анкета на млади лица на возраст од 15-29 години и интервјуа со претставници на институциите задолжени за креирање и спроведување на јавни политики, како и претставници на репрезентативни граѓански организации.

Младите во Македонија се чувствуваат исклучени. Истражувањето покажува дека дури 91.6% од младите сметаат дека нивниот глас не е доволно застапен во процесите на одлучување во државата. Дополнително, тие се чувствуваат непотребни или непродуктивни членови нa општеството. 87.3% сметаат дека државата не го користи потенцијалот на младите, додека 84% дека државата не обезбедува можности за развој.

Истражувањето обезбедува низа заклучоци и препораки за промена на одредени аспекти на јавните политики во областите образование, граѓанско учество, вработување и воопшто, институционалната и правната поставеност на младинските политики, меѓу кои: обезбедување на релевантни статистички податоци за младото население, реосмислување на младинските политики со ставање на младите лица во улога на главни чинители, отворање јавна дебата за Законот за млади, зајакнување и унапредување на улогата на Агенцијата за млади и спорт и други.