Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година ќе му гостува на Гибралтар во квалификациите за Европското првенство. Македонија по серијата на катастрофални резултати нема шанси за напредок но ова е сепак натпревар со кој младите избраници барем ќе си ја зачуваат честа.
Аматерската репрезентарција на Гибралтар е во најнискиот ешалон на фудбалот во Европа, а иако има една изненадувачка победа во квалификациите, се работи за најлошата селекција во групата. Сè освен победа на Македонија би било целосна катастрофа на ова гостување на „Европа поинт“ во Гибралтар.
Првиот натпревар во Скопје беше доста тврд, гостинот грчевито се бранеше, а човек на одлука беше Луан Абази на стартот на вториот дел. На тој меч Македонија со сигурност виде дека нема да биде лесно вторпат да се добие Гибралтар, особено на гостински терен каде што играчите ќе знаат како да се одбранат.
И покрај сите резултати, дури и по тешкиот пораз од Холандија во Алмере без шут кон противничкиот гол, Македонија пак е фаворит за трите бода на Гибралтар. Натпреварот се игра во терминот од 13:00 часот.