
Општина Гази Баба воведе мерка со која младите до 35 години се ослободуваат од плаќање комуналии за изградба, доградба или надградба на својот прв дом.
Првично мерката била предвидена за лица до 29 години, но старосната граница е зголемена на 35 години, со цел да опфати поголем број млади семејства.
Правото можат да го остварат жители на општината кои на денот на поднесување на барањето немаат повеќе од 35 години, градат прв дом во своја сопственост и објектот го наменуваат исклучиво за лични станбени потреби.
Услов е да биде доставена комплетна техничка документација согласно Законот за градење, како и изјава дека објектот ќе се користи за сопствено домување најмалку 10 години.
Од Општината велат дека целта на мерката е да им се олесни финансискиот товар на младите брачни парови и да се поттикнат младите да останат и да го создадат својот дом во Гази Баба.
„Ова не е само мерка. Ова е инвестиција во иднината“, порача градоначалникот Бобан Стефковски повикувајќи ги младите кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста.