Младите бараат повисоки плати, но и можност да работат од дома

Младите да се охрабрат и од нас гласно да го бараат тоа што им треба. Внимателно и секогаш ги слушам младите и темите што се во нивни интерес и за нивната добра иднина. Нивните потреби ќе ги претвориме во политики за нив, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на трибината „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ во рамки на истоимениот проект изработен од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

На средба со млади во седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Битиќи рече дека младите не бараат ништо друго туку само достоинствен живот во државата во којашто живеат и дека главен фактор за тоа е висината на платата.

-Тоа значи да имаат шанса да се покажат на работа за која тие одлучиле дека сакаат, а не некој да им каже и наметне - работи го ова и работи го за оваа плата. Туку да добијат плата што е достоинствена за да можат понатаму да се развиваат и да ја постигнат својата цел. Младите бараат да знаат каде ќе биде нивната држава за 20 години и одговорот се обидуваме да им го дадеме преку Националната развојна стратегија. Тој одговор не го знаев ни јас пред 20 години и да ме прашаше некој дали за 20 години се гледам како вицепремиер, ќе му речев веројатно нема да бидам во државата. Но јас одлучив спротивно. Јас сум само 15 отсто во семејството коешто останало во Македонија. Сите други се надвор од Македонија, но сум кажал дека ќе останам и работам во државата, независно што сите други си отишле, моите браќа и моите роднини си отишле. Но овој момент клучот за младите е да се слушнат за заедно да креираме визија каква земја сакаме, истакна Битиќи.

Посочи дека новите професии се поврзани со Четвртата индустрија и информациите и клучот на развојот и професии на иднината се оперирање со податоци и информации.

Трибината следува откако собранискиот Национален совет за евроинтеграции на седница на 22 февруари едногласно ја усвои анализата на ИДУЕП „Што сакаат младите – професиите на иднината бараат вештини денес” со одлука нејзините заклучоци и препораки да ѝ се достават на Владата.

Претседателот на ИДУЕП, комуникологот Бојан Кордалов, изјави дека од денешната трибина ќе произлезат нови заклучоци, но очекува и конкретни акции што треба да се направат.

-Во изминатата година и пол постигнавме многу – направивме конкретни заклучоци и препораки кои денеска ги доставуваме до вицепремиерот и Владата на натамошно разгледување со цел да биде уште повеќе слушнат гласот на младите кои учествуваа во овие активности, рече Кордалов.

Порача дека има доволно стратегии за млади, но дека е потребна конкретна акција што ќе почне веднаш.

-Затоа што бројките се повеќе од поразителни и ако не се променат работите, нема да може да излеземе од она што се нарекува иселување, недостиг на иднина во земјава. Ако сакаме да ги смениме работите, мора да се посветиме и да дејствуваме брзо зашто младите тоа на сите ни го препорачуваат, истакна Кордалов. Анализата покажува дека младите бараат повисоки плати, можност да работат на далечина (од дома), флексибилно работно време, бараат поддршка на професии на иднината, како ИТ-индустрија, но и занаетчиски професии.

-Едноставно, бараат да бидат вклучени во носењето одлуки и да одлучуваат и во исто време бараат квалитет на живот – добро здравствено осигурување, здрава животна средина, културни настани и слично и тоа се многу често причини, покрај повисоката плата, зошто се решаваат да се иселат во друга земја, додаде претседателот на ИДУЕП.

Анализата е изработена во рамки на истоимениот проект финансиран од Европската Унија, а субгрантиран од фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и три партнерски организации од регионот. Проектот опфатил повеќе активности во кои биле вклучени поголем број младински организации, стопанските комори и јавни институции со надлежност во оваа сфера.