Младиот пијанист Андреј Цековски со златен медал на меѓународен натпревар во Њујорк

Единаесетгодишниот пијанист од Скопје, Андреј Цековски, во Њујорк ги прими златниот медал и пехарот за освоеното прво место на меѓународниот натпревар International Youth Music Competitions.

Цековски победи во категоријата „USA Classical Hobbyist“ на натпреварот што се одржа во март годинава. Признанијата му беа врачени минатата недела на гала-вечер во The DiMenna Center for Classical Music, каде што младиот пијанист настапи пред меѓународна публика.

На сцената тој го претстави и македонското знаме, а настапот го сподели со победниците од останатите категории, меѓу кои млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, САД, Украина, Мексико, Романија, Црна Гора и Турција.

Според оценката на жирито, Цековски се издвоил со музикалност, техничка сигурност и уметничка зрелост, квалитети кои, како што било посочено, ретко се среќаваат кај музичари на негова возраст.

Андреј е ученик во шесто одделение во Државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде што по пијано работи со наставничката Марија Диманин-Богоевска. Пијано започнал да изучува на четиригодишна возраст.

Паралелно со музичкото образование, тој е ученик и во ООУ „Блаже Конески“. Има освоено повеќе државни награди по различни предмети, а последните две години тренира и ракомет.

Неговиот успех во Њујорк е уште едно меѓународно признание за млад македонски музички талент.