Претседателот на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство од ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски обвини дека Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Агенцијата за храна и ветерина (АХВ) свесно пуштиле во промет зеленчук во кое има присуство на пестициди.
-Денеска објавувам уште четири извештаи за направена анализа на зеленчук пристигнат и влезен во Македонија. Имено, станува збор за млад кромид и пиперка кои влегле во Република Македонија и веќе се наоѓаат на некој од пазарите ширум нашата држава.
Првите два извештаи направени во ДФЛ потврдуваат дека во анализите на млад кромид е детектиран недозволиво присуство на пестициди и овие два извештаи се архивирани под арховски број 10802-295/2 и 10802-296/2 од 22/05/2023 година.
Третиот и четвртиот извештај исто така издаден од ДФЛ се однесува на анализа направена на пиперка во која исто така е откриено недозволиво количество на остатоци од пестициди и овие два извештаи во интерес на вистината се со печат на министерството и архивирани под архивски број 10802-373/2 од 17/05/2023 и 10802-493/2 од 26/05/2023 година, кажа Трипуновски.
Трипуновски кажа дека документите се јасен доказ дека во промет е пуштен зеленчук кој е небезбеден.
-И наместо веднаш да се реагира, АХВ праќа паушални соопштенија и се обидува да ја замајува јавноста. Оваа тема ги засега сите подеднакво, од најмалите до највозрасните. Николовски и Бабовски се главните виновници за овој голем скандал. Им порачувам на АХВ и МЗШВ наместо да демантираат, веднаш да реагираат, а Бабовски и Николовски да си поднесат неотповикливи оставки од своите позиции. За ова во демократските земји паѓаат цели влади. Воедно уште еднаш апелирам ЈО да не глуми ненадлежно и веднаш да реагира по допрен глас, вели Трипуновски.