Митрополит Струмички Наум: За Бадник не се става паричка во леб, Божиќ не е семеен празник

Митрополитот струмички Наум дава свое објаснување во врска со прославата на бижиќните празници.

Неговиот став, кој што е споделен од фејсбук-страницата на Премин портал го пренесуваме во целост:

„Секоја година, околу Божикните празници на површина излегуваат одредени недоумици околу нивното правилно чествување. За да нема многу забуни околу оваа проблематика, еве еден ориентир според кој и најнеинформираните верници можат да се управуваат.

Ориентирот е причестувањето со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови во Светата Литургија на Црквата. Секој празник во Црквата има една и единствена цел – причестување со Светите Тајни Христови. Без остварување на оваа цел може да стане збор за сѐ, само не и за верско и побожно славење на Бог. Нема причест – нема живо христијанство!

На пример: имаме недоумица во однос на подготовката на таканаречената бадникова семејна вечера. Сега, ако знаеме дека главната цел при дочекот на Рождеството Христово ни е причестувањето со Светите Тајни Христови, тогаш од трпезата веднаш отпаѓа рибата и сѐ што е подготвено на масло (зејтин).

За други мрсни работи и да не спомнувам – секој знае дека пред Причест се пости. Така, ако главен ориентир при секој дочек на некој црковен празник ни е причестувањето со Телото и Крвта Христови, тогаш нема да згрешиме при решавањето на вакви недоумици.

Ви говорам за основни работи; инаку, бадниковата вечера му е потполно туѓа на црковниот живот – ќе ви објаснам дополнително, но сега само едно ќе ви кажам: извадете го лепчето со паричката од бадниковата вечера, како магиски и суеверен чин – што во суштина и е, и ќе се изгуби и смислата и погрешната традиција на бадниковата вечера.

Друго прашање е, на пример, дали одредени обичаи при црковните празнувања се пагански остатоци или се туѓи, или се и едното и другото. На пример, собирањето и делењето бадникови гранчиња е само српски народно-црковен обичај, и на ниту една друга помесна Православна Црква или народ; исто како и кршењето на лебот со паричката на бадниковата вечера (леб со паричка се крши на свети Василиј или т.н. Стара Нова Година), како и со славата и славскиот колач (наместо тоа, правилно е именден и петолебие).

Практикувањето туѓи црковни обичаи е пастирско и идентитетско прашање, така што секој сам нека избере што е по националност, како и кому му служи. Мене тоа ама воопшто не ми пречи – кој што ќе избере, но должен сум да кажам, поради тоа што ние и од СПЦ бараме признавање на нашата автокефалност: со практикувањето на исклучиво нивни црковно-народни обичаи, ние – од световни причини, во голема мера ја губиме основата за тоа барање. Што мислите, како на ова гледаат другите православни народи и Цркви, и како тоа некој им го претставува?

Ние, како МПЦ – ОА, должни сме само во местата каде што живеат нашите браќа Срби да им обезбедиме, ако сакаат, празнување според нивните народно-црковни обичаи и јазик. Се надевам дека еден ден, според Христовото Евангелие, сите ќе сфатиме дека национални поделби не постојат и не се потребни во Црквата, а потребен ни е само пастирскиот пристап – да му се обезбеди секому да Го прославува Бог на својот мајчин јазик. Црквата е Една.

Толкувањето дека Божик е семеен празник, како и таквото празнување, исто така, е туѓо неправославно учење. Каква врска има непорочното и бессемено зачнување, и безболното и девствено раѓање со засновањето на овоземното човечко семејство? Ама баш никаква!

Значи, имаме туѓо учење – неправославно, кое се надополнува со неправославна иконографија: каде што Јосиф и Марија стојат заедно наведнати пред колевката на Исус – што асоцира на семејство, за разлика од православната иконографија каде што Пресвета Богородица и Секогашдева Марија заедно со Богомладенецот Христос го заземаат централниот простор на иконата, а праведниот Јосиф, ако некој не знае, не ни може да го забележи на иконата – насликан негде настрана.

Ако на ова го додадеме и нарочното организирање на семејна вечера токму на Бадник – од 365 вечери во годината, заедно со нарушувањето на определениот црковен пост, а со тоа и неможноста за Причест – се комплетира целата слика колку сето тоа е погрешно. Христовото Рождество не е некаков празник на семејството, туку нормално, после црква го празнуваме и во семејството.

Она што сигурно е грев – етички и еколошки, и што треба веднаш да го промениме, е оставањето на многу семејства во Р. Македонија без огрев и храна преку зима, а сме можеле да им помогнеме. Наместо да палиме ритуални огнови и да ја дозагадуваме околината, и наместо да го нарушуваме постот со мрсни јадења и световни музики и песни, подобро е да им помогнеме на сиромашните со огрев и храна, и ќе видиме каква радост тоа дело на милосрдие ќе ни донесе и кој благослов Божји во животот.“