Митови и факти за загадувањето на воздухот со PM10 и PM2.5 во декември месец низ земјава

Направивме анализа и ги споредивме податоците за присуството на PM10 и PM2.5 загадувачки честички од сите мерни станици за декември, компарирано низ минатите години и според она што го покажуваат, многу митови паѓаат во вода.

Еден од нив е митот за воздушните бањи со чист воздух, како Берово и Охрид. Во поглед на многу поопасните PM2.5, Берово изминатиов декември има САМО ЕДЕН ден со т.н. чист воздух. Прилеп, Гостивар, Кичево (недостасуваат повеќе дневни мерења), Тетово, Струмица, Гевгелија немаат НИТУ ЕДЕН ден воздух чист за PM2.5 честички.

Мерните места со најголем број на денови со чист воздух за PM2.5 се Битола 1 (недостасуваат мерења за повеќе денови) и Миладиновци. Мерната станица Битола 1 се наоѓа на периферијата на Битола во близина на мали индустрии за производство на храна и пијалоци, на оддалеченост од 13 километри од РЕК Битола. Овие податоци го уриваат митот дека Битола е најзагаден град поради РЕК Битола.

Во однос на PM10 честичките, во Скопје и Тетово повеќе ги немаме високите дневни концентрации со над 500, 600, 700, 800, 900 μg/m3 кои беа резултат на големата индустрија која работеше без филтри, како Макстил, Југохром и др.


Во декември 2022, со исклучок на Лазарополе, дневни концентрации на PM10 до законски дозволените 50 μg/m3, повеќе од половина месец имаат: Миладиновци - 20 дена, Битола 1, Штип и Берово - 17 дена, Гази Баба со 16 дена и Ректорат со 15 дена. Еден индустриски град како Скопје, со мерна станица близу Железара и уште една кај најфреквентна крстосница имаат скоро еднаков број на денови со дозволено загадување како Берово, исто како и Битола во индустрискиот дел. Митовите дека места како Берово дишат многу повеќе денови на дозволено загаден воздух од одредени реони во големите индустриски градови со густ сообраќај се рушат.

Најмалку денови со чист воздух во декември изминативе години се измерени во Кичево, Тетово и Кавадарци.
Во декември 2022 година, единствено во Струмица немало ниту еден ден во кој PM10 биле под 40 μg/m3, што го позиционира градот на врвот на табелата на загаденост.

Можеме да заклучиме дека покрај подобрувањето на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово откако големите индустрии ги поставуваат филтрите или престануваат со работа, временските прилики продолжуваат да се главниот фактор кој влијае врз квалитетот на воздухот, микроклимата, дали дува ветер или не, од кој правец, дали врне, дали има магла и сл.

Без менување на начинот на греење и без поставување на построги индустриски стандарди, особено во градови како Скопје, каде поради обемот на индустријата во самиот град потребно е користење на гас во производните процеси, секаде каде тоа го овозможуваат најдобрите достапни технологии, како и забрана за другите горива, без регулација на сообраќајот, искоренување на појавата на палење на отворено (стрништа и различен отпад), без контрола на градежните работи и градежната прашина, но и прашината од незазеленети површини и валканите улици што ветерот ја дисперзира во воздухот, нема да имаме воздух чист за PM10 и за PM2.5 не само во зимските месеци, туку и во текот на целата година.

О2 Иницијатива