Митева потврди: Владата ќе го предложи Ненад Савевски за нов државен јавен обвинител

На денешната редовна седница Владата донесе одлука до Собранието да поднесе предлог за избор на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител, откако претходно го разгледала мислењето на Советот на јавни обвинители за постапката.

Од Владата информираат дека одлуката е донесена по сеопфатна дискусија, водејќи се од принципите на професионалност, интегритет, стручност и посветеност на владеењето на правото.

- Ненад Савески во моментов е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во Одделот за организиран криминал и корупција. Во текот на својата кариера бил и јавен обвинител во Основното јавно обвинителство. Тој е магистер по правни науки од областа на казненото право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има положено правосуден испит. Во својата кариера Савески има и повеќе меѓународни и експертски ангажмани. Бил експерт во ОБСЕ Македонија и во Националната конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и учесник во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД, поврзани со кривичната постапка, притворот и посебните истражни мерки, инфомрираше портпаролката на Владата Марија Митева. 

Савевски во академската сфера е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, а автор и коавтор е и на повеќе стручни трудови.

Од Владата посочуваат дека изборот на државен јавен обвинител е прашање од исклучителна важност за кредибилитетот на правосудниот систем, поради што процесот се води со особена внимателност и одговорност.

Предлогот за Савески е доставен до Собранието врз основа на стручните оценки на Советот на јавни обвинители и анализа на неговиот професионален интегритет, искуство и досегашни резултати.

Владата смета дека предложениот кандидат може да придонесе за зајакнување на институционалниот капацитет, унапредување на професионалните стандарди и зголемување на довербата на јавноста во правосудниот систем.