
Денес можеме слободно да зборуваме за политика и да се натпреваруваме со идеи затоа што генерации пред нас се бореле за правото на политички став, порача Марија Митева, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и портпаролка на Владата, на првата политичка платформа „Повеќе учество, повеќе демократија“, организирана по повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата.
Митева истакна дека во историјата на демократијата значајно место има и приказната за жените во политиката, кои низ годините биле дел од општествените процеси, често без доволно признание за нивниот труд.
„Жените во политиката не се вклучиле од вчера. Напротив, низ историјата биле дел од сите општествени процеси. Некогаш биле во првите редови, многу често биле под сенка, многу често не им било признаено, но секогаш со работа, со труд, со истрајност се грижеле и за семејството, и за заедницата, но и за Македонија“, рече Митева.
Таа додаде дека Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ има значајна улога во политичкото организирање на жените, нивното учество во дебати и преземањето одговорност.
„УЖ е организација каде што жените се организираат политички, дебатираат, разменуваат ставови, мислења и преземаат одговорност“, истакна Митева, заблагодарувајќи му се на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за поддршката што, како што рече, ѝ ја дава на Унијата на жени веќе десет години.
Според неа, преку дијалог со Мицкоски треба да се направи разлика меѓу присуството на жените во политиката и нивното реално учество во донесувањето одлуки.
„Можеби е лесно да се заклучи дека демократијата не е нешто коешто се освоило и се придобило и тука завршува. Туку напротив, преку политички дијалог и политичка култура треба континуирано да ја надградуваме“, рече Митева.
Таа нагласи дека жените кои работат на терен, во општините и институциите, поседуваат значајно знаење и искуство, а предизвикот е тоа да се преточи во политичко влијание.
„Наша работа е дали оваа енергија ќе остане само енергија или ќе ја преточиме во една политичка сила“, порача Митева.
Во рамки на настанот беше презентирана и Декларацијата „За една повеќе“, која, како што информираше Митева, содржи десет политички заложби на Унијата на жени за повеќе учество и повеќе демократија.
„Повеќе учество, повеќе одговорност, за една повеќе“, рече Митева, посочувајќи дека декларацијата треба да биде потсетник за конкретно дејствување, а не само документ што ќе остане во партиските архиви.