Митески на увид во игралиштето „Патрик“ кое синоќа беше вандализирано од малолетници

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески денеска информираше дека по синоќешниот немил настан што предизвика големо внимание во јавноста, извршил увид на детското игралиште „Патрик“, кое беше вандализирано и сериозно оштетено од група млади лица.

„Станува збор за едно од најубаво уредените детски катчиња во Општина Аеродром – простор создаден за игра, дружење и безгрижно детство. За жал, токму ова место вчера беше мета на несовесно и недозволиво однесување, при што е причинета штета која според првичните проценки изнесува повеќе илјади евра. Веднаш по добиените информации, заедно со екипите на Општина Аеродром излеговме на терен. Од безбедносни причини игралиштето е привремено затворено, а во најкус можен рок ќе пристапиме кон целосна санација на штетите и замена на оштетените реквизити со нови“, истакна Митески.

Тој посочи дека случајот бил пријавен во полиција и поднесени биле соодветни пријави против сторителите.

„Ваквото однесување не смее да остане неказнето, затоа што станува збор за свесно уништување на имот што им припаѓа на сите граѓани“, порача градоначалникот, кој притоа упати посебна благодарност до сограѓанинот Никола Поповиќ, кој со својата брза и одговорна реакција помогнал да се спречи понатамошното дивеење и нанесување уште поголема штета.

Митески ги повика сите граѓани доколку забележат вандализам, уништување на јавен имот или какво било несовесно однесување, веднаш да ги известат општинските служби и полицијата. 

„Мора да ставиме крај на ваквите појави. Јавното добро не е ничие приватно игралиште за уништување. Тоа е создадено со средства на граѓаните и е обврска на сите нас да го чуваме и почитуваме. За жал, вакви случаи не се случуваат само во Аеродром, туку и во многу други општини и населени места. Затоа е потребна поголема општествена одговорност, повеќе грижа и јасна осуда на секој обид за уништување на заедничкиот простор“, порача Митески.