Митески: Комуналните екипи на Општината интензивно работат на терен - се чисти отпадот, се реконструираат игралиштата и се обновуваат клупите

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески информираше дека екипите на ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром интензивно работат на терен и секојдневно се грижат за хигиената, при што се косат тревниците, се чистат и уредуваат улиците и пешачките патеки, се собира отпадот и се средуваат дрвјата и гранките на повеќе локации.

Митески посочи дека паралелно продолжува и расчистувањето на дивите депонии, со цел создавање на почиста, поуредна и поздрава животна средина за сите жители.

„Работиме на секој дел од општината и секогаш навремено интервенираме онаму каде што е најпотребно. Но, за чист Аеродром потребна е и заедничка одговорност. Ги повикувам граѓаните совесно да го одлагаат отпадот и да не создаваат диви депонии. Чистотата на општината е заедничка грижа и најдобро ја чуваме кога сите придонесуваме. Доколку имате поголемо количество отпад од вашиот дом, ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром ви стои на располагање за негово преземање и правилно депонирање до ЈП „Дрисла“ за минимален паричен надомест со закажување на телефонскиот број 072 270 886“, истакна градоначалникот.

Во исто време, тој нагласи дека ќе постават нови и ќе ги обноват постојните клупи, за поуредна и попријатна средина, а додаде и дека спроведувале и реконструкција на детските и спортските игралишта.