Мисли кои не треба да се споделуваат со никого...

Во моментите додека го пишувам ова, не е лесно да се пронајдат зборови со кои би ја опишала нашата врска и сите мои чувства кон тебе, што е чудно со оглед на тоа колку си ми драг и важен. Всушност, првпат во животот се прашувам дали воопшто сум во состојба со зборови да покажам, но и да скријам што чувствувам. И она што не го чувствувам. И сѐ она што повеќе не го чувствувам.

Тешко е да се пронајдат зборови кои би можеле да опишат колку ми беше потребен, дури и кога не ми беше потребен. Ми беше потребен баш ти, за да ме разубедиш за многу работи. Секако, ти се појави во најлошиот можен момент. Ме затекна во најлошото можно издание во тој најлош можен момент кога се појави. Ти дојде во вистинскиот момент. 

Љубовта за мене секогаш била работата на минатото или иднината, а никогаш на сегашноста. Сеедно, никако да се откажам од таа глупавата опсесија со љубовта. И обожавам кога ќе ме наречеш „типична жена“. А така успешно ги кријам работите кои ме прават типична. Па сепак, би требало да се плаши од оние работи кои не ме прават типична, а тие уште подобро ги кријам. 

Со тебе повторно го засакав и моето семејство. Колку е тоа всушност зафркнато?

Дали постојат мисли кои не треба да се споделат со никого? 

Мислам дека ти никогаш не можеш да претераш со своите  начини да покажеш љубов. Иако понекогаш ми се чини дека баш затоа што ме познаваш толку добро, намерно ме излудуваш. Не дека е важно, затоа што и јас истото ти го правам. Можам ли јас да претерувам со искажувањето љубов?

Некои луѓе бараат толку љубов, што со времето стануваат товар. 

Но, повеќе би сакала ти да бараш повеќе љубов од мене отколку јас од тебе. Затоа што помислата дека еден ден ќе исчезнеш од мојот бесмислен живот ме плаши најмногу од сѐ. Ако одлеташ од мојот живот на истиот начин на којшто пристигна, дали со тоа ќе исчезне и мојата љубов кон другите? Ако си заминеш, дали ќе бидам во состојба да ги сакам луѓето околу себе? А себеси? 

Мислам дека полека се наближува моментот когаќ е си заминеш. И тоа многу ме плаши. Со твоето заминување ќе замине и голем дел од мене. Две разделби во исто време. 

Љубовта повторно е состојба на минато или иднина. 

Мислам дека не постојат мисли кои не треба да се споделуваат со другите. Само што, истите тие мисли, кога ќе заминеш, ќе немам со кого да ги споделам.