Мислете критички, живејте етички и чувствувајте човечки - Професор од Македонија со силна порака до матурантите!

Професорот по Филозофија, Етика, Логика во средното училише „Митко Пенџуклиски“-Кратово, Оливер Арсовски, со искрена и длабока порака до матурантите. 

Со оглед дека е сезона на матури, кога се завршува една етапа од образованието на младите и самите тие се пред еден нов пат, тој упати моќна порака до своите ученици 

- Запомнете: Мислете критички, живејте етички и чувствувајте човечки. Светот ве чека, а вие сте подготвени, им порача Арсовски. 

Неговата фејсбук објава ви ја пренесуваме во целост! 

- Денес не зборувам само како професор, туку како човек што имал чест да чекори со вас низ некои од најдлабоките и најзначајните прашања што си ги поставува човештвото со векови.

Заедно размислувавме што е вистината, што е доблест, што значи да се биде слободен, да се биде човек. Поставувавме прашања на кои нема едноставни одговори: Дали постои апсолутна вистина? Што е добро, а што зло? Каде завршува умот, а каде почнува душата? Се нурнувавме во мислите на Платон, Аристотел, Кант, Фројд, и многу други — но најважно од сè, почнавме да ги бараме одговорите во себеси.

Психологијата не' научи дека човечката душа е сложена, но секогаш достојна за разбирање. Етиката ни покажа дека секој избор има последици и дека моралот не е нешто апстрактно, туку жива водилка во секојдневниот живот. Филозофијата ни даде храброст да прашуваме, па дури и кога одговорите не се јасни.

Од срце ви посакувам да чекорите низ животот со ум отворен за знаење, со срце отворено за луѓето и со совест што знае да го препознае доброто.

Ви благодарам за сите дискусии, за тишините полни со размислување, за искрените прашања и за тоа што ми покажавте дека филозофијата, етиката и психологијата се живи — токму преку вас.

Среќен пат, драги матуранти.