Мирот не се наоѓа, тој се создава во тишина

Во свет каде што сè постојано се движи брзо, каде што вревата и брзањето стануваатнормална состојба, тишината често изгледа чудна, па дури и вознемирувачка.

Photo by Yaşar Bıyık: https://www.pexels.com/photo/silhouette-in-historic-istanbul-archway-311...

Но токму во тие ретки моменти на самотија и мир, кога не мора да одговараме на пораки, да ги следиме туѓите ритми или да се прилагодуваме на очекувања, настанува нешто многу вредно, мислите почнуваат да се смируваат. Не исчезнуваат, туку што конечно има простор каде да се расплетат.

Кога сме сами, без бучава однадвор, ние влегуваме во состојба каде што не мора да бидеме „некој“. Не мора да играме улоги, да се докажуваме, да бидеме разбрани или да го контролираме впечатокот што го оставаме. Во тишината, нема туѓи гласови. Само нашиот. И баш тогаш, во тој момент на искреност, се отвора можност за внатрешен разговор што не е обременет со страв или осуда. Тоа е состојба во која умот полека се учи да се слуша сам себе.

Многумина ја избегнуваат тишината и таа често им е непријатна, затоа што не знаат што да прават со мислите што се појавуваат кога ќе стивне сè друго. Но мислите не се непријатели, тие се огледала. Кога сме сами, тие имаат време да се покажат, да се распоредат, и конечно да се смират. Наместо да бидат хаотични, како што се кога сме во стрес или меѓу луѓе, тие стануваат помеки, потивоки, повистинити.

Тишината ни овозможува да го забележиме она што инаку го прескокнуваме , начинот на кој дишеме, тежината на телото, малите напнатости, но и тивките надежи што се кријат под површината. Тоа е време кога ја слушаме интуицијата, кога повторно се поврзуваме со сопствениот ритам, не со туѓите очекувања. Во тишината, не се случува ништо и токму затоа се случува сè.

Смирувањето на мислите не значи нивно исклучување, туку нивно ослободување од вревата. Самотијата не е празнина, туку простор. Простор во кој можеме да се собереме, да се прифатиме и да се вратиме кон себе. Во свет што нè учи постојано да бидеме надворешно активни, тишината нè враќа дома – во себе.