Миркуловски: Нема шанси да го пропуштам мечот со Германија - одиме на прво место

Нема шанси да не играм против Германија. Македонскиот среден бек Филип Миркуловски во изјава која ја пренесе Балкан Хендбал вели дека и покрај заморот и серијата хронични повреди нема шанси да го пропушти мечот за прво место во нашата група.

Тој на новинарско прашање дали можеби ќе одмори со Германија за да биде свеж за во втората фаза, вели дека нема шанси да гледа од трбините бидејќи Македонија на овој меч нема да калкулира туку ќе оди на победа.

„Можеме до прво место и ќе играме за прво место. Не доаѓа во предвид да го пропуштам натпреварот. Замислете да одиме понатаму со 4 бода и потоа три дена на одмор!“ – вели Миркуловски.

Филип Миркуловски игра во бундес лигашот Вецлар. Хронично го мачат повреди но интензитетот на првенството и натпреварите не дозволуваат целосно да се излечи. И на ова првенство можевме да го видиме на клупата со кеси мраз на колената и другите зглобови а според некои информации по првиот натпревар против Словенија имал и оток на една од нозете што најверојатно беше и причината поради која мечот со Црна Гора го почна од клупата, а во игра беше вратен кога се виде дека работите не одат според планот. Миркуловски беше еден од творците на победата против Црна Гора стрелајќи 4 пати во мрежата на Мијатовиќ и Симиќ.