Мирисот на ајвар - нашата химна на есента

Во Македонија есента не доаѓа само со пожолтени лисја и свежи утра. Таа пристигнува со еден мирис кој веднаш нè буди и нè собира заедно – мирисот на печени пиперки.

Тој мирис не е само знак дека зимата е на прагот, туку и потсетник дека заедништвото, трпеливоста и радоста од создавањето нешто со свои раце се дел од нашиот идентитет.

Ајварот отсекогаш бил повеќе од храна. Тој е ритуал, традиција и песна во исто време. Во септемвриските утра, дворовите се претвораат во хаос со една цел, да се направи вкусен ајвар: редици пиперки наредени на ќеси, дрва за оган, и луѓе кои со лажици, ножеви и големи тави работат синхронизирано како оркестар. Секоја рака има своја улога – некој пече, некој лупи, некој меле, некој меша во големите шерпи. Целата таа симфонија има еден заеднички звук: пукањето на пиперките и смеењето на луѓето што работат заедно.

Мирисот на ајвар е химна на есента затоа што тој не може да се игнорира, тој те фаќа за нос (особено ако ајварот е лут) и те води до дворот каде жарот пука, а лушпите од пиперките се собираат на купчиња како мали огнени пердуви. Тоа не е само храна, туку сцена на која секој има улога: некој со пот измешан со чад, некој со раце обоени во црвено, некој што седи настрана и со една лажица пробува дали вкусот е „совршен“. Оваа арома е знак дека сезоната се менува, дека летото полека заминува, а зимата ќе биде повкусна со секоја полна тегла што ќе остане на полицата.

Во секоја тегла има историја, но и борба, сите часoви минати во печење, во лупење, во мешање додека раката не заболи. Тоа се денови кога кујната се претвора во мала фабрика, кога мајките викaат „брзо донеси ја следната тура“, а ние, децата, се жалиме дека е жешко, но сепак помагаме, знаејќи дека први ќе го добиеме вкусниот леб натопен во врелиот ајвар. Тие тегли не се само зачувана зимница, туку сведоштва дека макотрпната работа, заедништвото и љубовта кон домот имаат мирис и боја, но  и дека есента во Македонија отсекогаш започнува со црвени пиперки.

И денес, кога темпото на животот е забрзано и повеќето луѓе се потпираат на готови производи, мирисот на печени пиперки сè уште има сила да нè врати назад. Тој е гласот на есента што нè повикува да забавиме, да се сетиме на нашите корени и да го почувствуваме единството кое го создава традицијата. Затоа, ајварот не е само зимница. Тој е нашата есенска химна – песна што ја пееме со носот, срцето и душата, секоја година од почеток.