Минусни утрински температури, а еве какво ќе биде времето во текот на денот

Сончево време со ниски утрински температури ќе преовладува денеска во земјава. На повеќе места утринските температури ќе бидат под нулата и ќе има услови за слаба магла по одделни котлини.

Во текот на денот ќе биде сончево и ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи во интервал од -4 до 3, а максималната од 13 до 17 степени.

Во Скопје, наутро студено со услови за слаба утринска магла, а во текот на денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.

И во среда ќе се задржи претежно ведро време со ниски утрински температури, кои на повеќе места ќе бидат некој степен под нулата. Од четврток облачноста ќе се зголеми и во следните денови ќе преовладува умерено, на места значително облачно време со постепен пораст, особено на утринските температури. По одделни котлини ќе има услови за утринска магла.