Министерството за здравство распиша тендер за нова котлара во гинеколошко-акушерската болница во Чаир

Министерството за здравство распиша оглас за изведба на нова котлара за гинеколошко-акушерската болница „Мајка Тереза“ во Чаир во вредност од 13.000.000 денари по заканите со поставен рок од 30 дена што ги наметна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, дознава Фактор

Изведбата треба да започне на 9 април годинава, а да заврши на 10 септември, односно до почетокот на следната грејна сезона, според роковоте дадени во огласот за јавни набавки. Најверојатно до пролет болницата ќе го користи истиот начин на затоплување. Понудите ќе се отвораат на 6 март 

Постапката за доделување на договор за јавна набавка нема да биде со скратени рокови: Операторите кои ќе се пријават на тендерот треба да ја имаат потребната“Б” лиценца за Изведување на објекти од “Б” категорија издадена од надлежен орган. 

Ако во рок од 30 дена Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во скопски Чаир не го промени начинот на греење ќе биде затворена, најави градоначалникот Шилегов на почетокот од месецов по реакциите на социјалните мрежи и увидот на инспекторите. Тој кажа дека досега Инпекторатот на Град Скопје два пати направиле контроли во болницата и било констатирано дека со начинот на греење се загадува воздухот. Гинекологија Чаир се грее на мазут и затоа изминативе денови во јавноста се појавија видеа со црн чад од оџакот на болницата.

-Инспекторатот до сега два пати има интервенирано во Гинекологија Чаир. Денеска повторно е упатен инспекторот како последна опомена до болницата и до Министерството за здравство да си го променат котелот. Доколку не постапат на тој начин, болницата ќе биде затворена од страна на Градот. Не сакаме да предизвикаме некаква криза, меѓутоа мора конечно секој да си одговори на сопствените обврски. Ако тој котел загадува, а загадува бидејќи два пати е веќе констатирано, мора да се интервенира. Дописот денеска покрај до директорот на болницата ќе го испратиме и до министерот за здравство Венко Филипче. Очекувам дека во рокот од 30 дена ќе реагираат, рече тогаш Шилегов.

Црниот чад кој излегуваше од оџакот на Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир е поради дефект на дизните од котелот со кој се греат просториите и на водата во болница, соопштија од Инспекторат на Град Скоје. Котелот е стар повеќе од 50 години, а според тогашните кажувањата на директорот на болницата дефектот е отстранет и оџакот повеќе не чади, посочуваат од Инспекторатот.

Инспекторите на Град Скопје веќе извршија вонреден инспекциски надзор во просториите на Специјалната болница. Болницата беше задолжена да направи мерења на емисиите на издувните гасови од оџакот со акредитирана лабораторија за мерење. Од Инспекторатот најавија дека ќе пратат барање за итна промена на овој котел и до Министерството за здравство и до Министерството за животна средина и просторно планирање.