Министерството за здравство подготвува договор со болница од Франкфурт да се обезбеди обука за лекарите од државните клиники

Владата на вчерашната седница одлучи да се прошири листата за издавање лиценци за трансплантација на клетки за лекување хематопоетски матични клетки, срце, панкреас, очни ткива, црн дроб, бубрези и бели дробови, пишува СДК.

 Оваа одлука е донесена на предлог на Министерството за здравство, за да се намалат трошоците за лекување на пациентите во странство за трансплантација.

Венко Филипче, министер за здравство, вели дека со ова практично се овозможува на приватните болници да добијат лиценца за здравствени услуги, кои пациентите не можат да ги добијат во јавното здравство, односно откако клиниките ќе дадат конзилијарно мислење дека се исцрпени сите можности за лекување во јавните здравствени установи и пациентот треба да се упати на лекување во странство.

Тој објаснува дека ова важи и сега, односно ако државните болници и клиники немаат експертиза за одредена здравствена услуга пред да биде упатен пациентот на лекување во странство, прво треба да се обратат во приватните болници дали тие може да ја обезбедат услугата, и доколку не можат тогаш пациентот ќе биде пратен во странство.

„Истото тоа сега се проширува во делот на трансплантацијата, со тоа што приватната болница доколку ја нема таа експертиза има обврска да обезбеди стручњак од странство, кој ќе дојде тука за да ја изведе интервенцијата и ќе има обврска задолжително тим од клиниките да присуствува на интервенцијата за да се стекне со знаење“, вели Филипче.

Тој рече дека за реализација на оваа мерка нема да се одвојуваат екстра пари, односно дека тоа ќе се плаќа од средствата наменети за трансплантации во странство.

„Се разбира овие зафати кога ќе се прават тука, нема да чинат толку многу како што пациентот кога оди на лекување во странство. Засега се отвора само можноста за вакво нешто“, вели Филипче.

Тој објаснува дека Министерството подготвува и интерклинички договор со болницата од Франкфурт во Германија да се обезбеди обука и експертиза за лекарите од државните клиники за методи што ги нема во јавното здравство вклучително и за трансплантација на органи, која не се прави кај нас.

„Работиме на тоа и докторите од јавните здравствени установи да се стекнат со нови знаења и да почнат да работат методи кои ги нема“, вели Филипче.