Министерството за здравство може да казнува за непримени вакцини, но не може да се забрани упис во градинка или училиште

Министерството за образование и наука вели дека здравствените власти имаат на располагање механизми и санкции ако не се исполнети обрските од задолжителна имунизација, но, дека не постојат законски можности да се забрани упис на дете во училиште доколку не е вакцинирано, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, пренесува СДК.

„Според постојната законска регулатива, при запишување во прво одделение, родителот односно старателот е должен да достави потврда за примените вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Но, законот не содржи забрана за упис во училиште на децата кои не се вакцинирани. Задолжителната имунизација е предвидена со законите од областа на здравството, во која се предвидени механизми и санкции доколку не се исполнат обврските за задолжителна имунизација“, велат од Министерството за образование и наука.

На прашањето како Министерството, покрај правото на образование на детето, ќе го обезбеди и правото на безбедност и здравје при престој во училиштата, од МОН велат дека институциите се должни да обезбедат остварување на сите уставно загарантирани права, без тоа да биде на сметка на кое било друго право.

„Ако тоа е неопходно, мора да се води сметка за штетата да биде најмала, односно забранувањето да не води кон целосна забрана за остварување на некое човеково право. Обврска е на Министерството за здравство и здравствените институциите да ја спроведат имунизацијата и да обезбедат заштита на населението од заразни болести, на кои децата се изложени не само во училиштата, туку и во кино, на театар, во игротеките, во спортските клубови, при остварување на воннаставните активности. За жал, во минатото обврската за задолжителна имунизација не се спроведувала редовно. Кај некои родители постоел страв поттикнат од сомневање во квалитетот на вакцините. Затоа во образовниот систем во погорните одделенија се влезени деца кои не се имунизирани“, велат од Министерството за образование.

МОН вели дека во соработка со општините и училиштата работи на подобрување на условите во училиштата, и дека постојат стандарди за санитарно-хигиенски услови во училиштата, чие спроведување го контролира санитарната инспекција.

„Сите субјекти во рамките на Министерството за образование и наука, се должни да постапат по тие стандарди и укажувања од здравствените институции“, велат од Министерството за образование.