Министерството за транспорт подготвува национална стратегија за побезбеден сообраќај

Министерството за транспорт и врски изработи предлог Национална транспортна стратегија за периодот 2018-2030 година. 

Главните цели на Национална транспортна стратегија за периодот 2018-2030 се да се осигура економска одржливост во развојот, управувањето и одржувањето на транспортните системи, да се подобри безбедноста во сообраќајот, да се развие мулитмодалниот транспорт, да се подобри одржливоста на животната средина и изградба на инфраструктура согласно европските стандарди како дел од единствениот транспортен систем во регионот.

Овие општи цели се преточени во поеднични цели за секој вид на транспорт и понатаму се разработени во конкретни 132 активности што се планирани за реализација до 2030 година. Во рамките на проектот за подготовка на предлог стратегијата, а следејќи ги одредбите од Законот за животна средина се спроведе постапка и се изработи предлог Извештај за стратегиска оцена на животната средина од реализација на Националната транспортна стратегија.

Во согласност со законските барања, а со цел да се постигне поголема транспарентност и вклученост на јавноста во процесот на донесување на одлуки во однос на Националната транспортна стратегија 2018 – 2030, овие два документи се достапни на интернет страницата на Министерството за транспорт и врски: http://mtc.gov.mk/predlog-nacionalna-transportna-strategija-2018-2030. Исто така ќе се одржи и јавна расправа по Предлог стратегијата и Предлог извештајот за Стратегиска оцена на животната средина, за што дополнително ќе информираме за времето и местото на одржување. Сите забелешки во врска со предлог Националната Транспортна Стратегија може да се испратат до Министерството за транспорт и врски или на електронската адреса на Министерството: [email protected]