Министерството за одбрана: Кујната не е затворена, АХВ изрече мерка на компанијата која ја приготвува храната

Министерството за одбрана упатува демант во однос на пласираната информацијата дека Кујната на Воената академија е затворена од страна на Агенцијата за храна и ветерина.

„Ве информираме дека по направениот вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на надлежните институции, Агенцијата за храна и ветерина излезе со соопштение во кое јасно е наведено дека во Касарната Гоце Делчев каде е лоцирана Воената академија не се најдени недоследности.

Според резултатите од Центарот за јавно здравје, од страна на АХВ е изречена мерка на компанијата која ја приготвува храната за потребите на Министерството за одбрана и Армијата. По добивањето на овие информации Министерството за одбрана ќе започне постапка согласно закон и договорот за јавна набавка“, наведе министерството во демантот.

АХВ претходно денес објави дека инспекциските служби изрекоа мерка за спроведување на повторна дезинфекција, а земени ќе бидат и нови контролни брисеви.

„Изречената мерка по спроведениот вонреден инспекциски надзор за времено затворање на кујната ќе остане на сила се додека со новите лабораториски тестирања не се потврди нејзината безбедност“, се наведува во нивното соопштение објавено денес.