Министерството за култура ќе ги усогласи платите на културните работници

Синдикатот на културата на Република Македонија ја поздравува одлуката на Министерството за култура и Владата позитивно да одговорат на нивното барање и да обезбедат средства во Буџетот за 2019 година за порамнување на платите на ниво на дејностите.

„Сакаме да го нагласиме и искрениот ангажман на пратениците кои ги поднесоа амандманите за нивелацијата при расправите за предлог буџетот во Собранието на Република Македонија. Како најголем и единствен синдикат кој искрено и вистински се бори за правата на вработените во културата потсетуваме дека нивелацијата е само почеток во ‘лекувањето на децениските болести“ кои ги мачат вработените во културата и добар сигнал дека состојбите се менуваат’“, велат од синдикатот.

Преку соопштение, оттаму додаваат дека донесувањето на нов Закон за култура и потпишувањето на нов Колективен договор се основните два приоритети со кои засекогаш ќе се стави крај на понижувачкото секојдневие и непочитувањето на социјалните права.

„Претстои уште многу работа, а нашиот ‘борбен морал’ е на највисоко ниво. Продолжуваме непоколебливо кон остварување на финалните цели“, велат од синдикатот.