Министерството за култура ќе ги преиспитува музичките субвенции на МРТВ

Министерството за култура денеска соопшти дека ќе ја преиспита законитоста на одлуките на Македонската радио-телевизија (МРТВ) од 5 јануари за доделените субвеници за поддршка на домашната музичка продукција.

Во врска со објавените резултати и одлуки на МРТВ по објавениот конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, од Министерството информираат дека минатата година биле извршени јавни консултации со повеќе засегнати страни од кои произлегол заклучок дека законот треба да се укине.

„Министерството за култура подготви предлог–закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го достави и побара мислење и од МРТВ. Во таа насока, на 27 декември Министерството за култура доби позитивен одговор од МРТВ, во кое се вели дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, стои во соопштението на Министерството.

 Со овие одлуки на МРТВ, додаваат оттаму, се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура и посочуваат дека во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот.

„Министерството за култура до Владата веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија. За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии“, стои во соопштението.