Министерството за економија го прогласи ХалкЕко проектот на Халкбанк за најдобар општествено одговорен проект во категоријата „однос со животната средина“

Министерството за економија го прогласи проектот „Халкеко“ на Халкбанк за најдобар општествено одговорен проект во категоријата однос со животната средина. 

Проектот „Халкеко“ на Халкбанк АД Скопје, со кој се поттикнуваат здрави животни навики и грижа за природата, но и се зголемува шумскиот фонд и се реализираат други активности во насока на заштита на животната средина, од страна на Министерството за економија е прогласен за најдобар општествено одговорен проект во категоријата однос со животната средина.

Министерството за економија 13. пат го организира изборот на најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата.

Од пријавените 19 проекти, Министерството додели награди за најдобрите општествено одговорни практики на македонските претпријатија во 2021 година на пет претпријатија за реализирани проекти во разни категории. За најдобар проект во доменот на заштита на животната средина е избран „Халкеко“ на Халкбанк.

Халкбанк е прва екобанка во државата и како таква посветено работи на поголема енергетска ефикасност и подобра животна средина.

Со цел подигање на свеста за еколошки прашања, уште во октомври 2019 година банката ја креира мобилната апликација „Халкеко“, со која, со низа подароци и бенефиции, ги мотивира граѓаните да пешачат, трчаат или возат велосипед.

За возврат, Халкбанк презеде обврска за секои 80 километри поминати во овие активности, како кумулативна активност на сите корисници на апликации, да засадува дрвја. Досега на овој начин се обезбедени речиси 13.000 садници, а емисијата на CO2 е намалена за повеќе од 131.400 кг.

„Зачувувањето на шумите, но и на севкупната добросостојба на нашата планета, е нешто што нѐ засега сите и обврска пред која не смееме да си дозволиме да застанеме, особено кога се работи за нашата локална заедница. Ние како екоориентирана компанија преку разновидните кампањи ‘Халкеко’ и голем број спроведени акции и иницијативи правиме навистина големи напори да дадеме видлив придонес кон подобра, почиста и поздрава средина за сите, но и кон поттикнување поголема одговорност кај секој еден фактор во општеството“, велат од Халкбанк.

Меѓутоа, „Халкеко“ денес не е само апликација, туку прерасна во платформа во рамките на која банката реализира и други проекти за поттикнување здрави животни навики и заштита на природата.

Од првата акција на пошумување, одржана во октомври 2019 година, Халкбанк организира низа големи и помали акции на садење нови дрвја, преку кои се донирани над 35.000 нови садници, кои се засадени на повеќе локации во земјата.

Па, така, 220 садници се засадени во училишни дворови на училишта во повеќе градови во земјата, со 6.000 млади садници се обнови шумскиот фонд во околината на Велешкото Езеро, каде што претходно имаше голем шумски пожар, а 2.790 садници беа засадени во реонот меѓу Битола и Демир Хисар.

Акциите продолжија со садење 9.200 дрвја во околината на Куманово, а во околината на Свети Николе двапати се засадија речиси 16.000 дрвја обезбедени со средства на банката, но и со пари собрани од уплатените котизации на учесниците во велосипедскитe трки Halk Velo Green, кои веќе две години по ред банката ги организира во Маврово.

Во рамките на платформата „Халкеко“ се реализираа и други проекти – се реновираа мостовите во новиот дел од Градскиот парк во Скопје, се уредија зелени корнери во ТЦ „Лептокарија“ во Скопје и во Гостивар, во Аеродром се направи зелен покрив на автобуска постројка, во Крушево се реновира мост итн. И, секако, тука се и низа спортски настани, на кои како спонзор, покровител или организатор се јавува токму „Халкеко“ – платформата на Халкбанк.