Министерство за здравство е против измените на законот за пушење

По најавите за измени во законот за пушење во насока на либерализација на пушењето во угостителските објекти вчера на твитер се огласи Министерството за здравство од каде сметаат дека оваа институција не може да поддржува политики кои се штетни за здравјето.

Министерството за здравство не може да промовира либерализација и да поддржува политики, кои се штетни за здравјето на луѓето. Пушењето е личен избор, но пасивното пушење не е, се вели во објавата на Твитер на Министерството за здравство.

Во јули годинава група пратеници поднесоа предлог измени во Законот за заштита од пушењето (Томислав Тунтев, Јован Митрески, Петре Шилегов од СДСМ, независната пратеничка Ивана Туфегџиќ, и Мирсада Емини-Асани и Шпреса Хадри од ДУИ).

Собранието го усвои барањето на оваа група пратеници измените и дополнувањата на законот да се носат во скратена постапка.

Предлогот на законот беше пратен на мислење и до Владата која на седница од минатата недела го врати законот назад во Собрание без да заземе став. Од Владата велат дека во прв план ќе биде заштитата на здравјето на населението.