Скандалот од Купот на Македонија меѓу Скопје и Гевгелија денес и официјално им ја реши судбината на овие два женски ракометни клубови. Од Министерството за спорт излегоа со соопштение каде се наведува дека е одземена лиценцата за вршење на дејноста спорт.
Во меѓувреме казни добија и од Ракометната федерација на Македонија каде покрај забраната за настап во нивните натпреварување изречени се и суспензии за раководните лица на овие овие два клуба.
Од министерството посочуваат дека овие два клуба го нарушиле начелото на фер-плеј, предизвикувајќи нарушување на спортскиот дух, спортскиот интегритет и витештво што е во целосна спротивност со Кодексот на ракометните клубови при РФМ и спротивно на Олимписката повелба.
„Истото резултираше со исклучување на двете екипи од Ракометната федерација на Македонија и изрекување мерки на суспензија за повиканите официјални лица. По изрекувањето на овие мерки од страна на РФМ, Министерството за спорт, во законска постапка, им ги поништи решенијата за дејност спорт на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје со што тие повеќе немаат легитимитет да настапуваат во националниот систем на натпревари во македонскиот ракомет.
Министерството за спорт и Ракометната федерација на Македонија ја користат оваа прилика да упатат порака до сите спортски чинители да бидат одговорни на спортските борилишта што значи почитување на спортските правила кои се резултат на меѓународни консензуси во дејноста спорт и секогаш да бидат подготвени да го сочуваат спортскиот дигнитет, зашто преку спортот, како општо препознатлива вредност, покрај останатите придобивки, се претставува и афирмира македонскиот спорт во меѓународни рамки и се јакне националната свест“, се вели во соопштението.