Министерски форум за култура меѓу Кина и земјите од ЦИЕ денеска и утре во Скопје

Скопје денеска и утре ќе биде домаќин на Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа (Процес „17+1“), кој го организираат Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ.

Официјалното отворање е во 10 часот со воведно обраќање на министерот за култура Хусни Исмаили по кое на главниот панел ќе се обратат претставници од земјите учеснички на форумот – министри, заменици-министри и други членови на делегации.

На форумот ќе учествува и министерот за култура и туризам на Кина, Луо Шуганг, кој во пресрет на денешниот настан вчера со министерот домаќин Исмаили посети културни знаменитости во Охрид и Скопје. 

Премиерот Зоран Заев ќе се обрати на попладневната сесија на форумот од кој се очекува да биде усвоена Скопска декларација со план за соработка во следните две години (2020-2021).

– Планот опфаќа активности во областа на културните и креативните индустрии, културното наследство, филмот и дистрибуцијата на филмови, униите на библиотеки, како и составување  симфониски оркестар од 18 земји членки во Процесот „17+1“, информираше Министерството за култура.

Во попладневниот дел од Форумот ќе биде презентирана веб-платформата на Координативниот центар за културна соработка, како и проект за културен туризам.  Предвидено е  учесниците на министерскиот форум денеска да го посетат Музејот на современата уметност и вечер да присуствуваат на концерт на Филхармонијата. 

Форумот ќе продолжи и ќе заврши утре претпладне во Археолошкиот музеј каде што учесниците ќе ја разгледаат постојаната поставка. 

Претходните три министерски форуми за културна соработка меѓу НР Кина и земјите на ЦИЕ беа одржани во Кина, Бугарија (Софија) и Кина. На Третиот министерски форум во Кина беше усвоен и потпишан Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за култура на земјите од ЦИЕ и НР Кина за воспоставување Координативен центар за културна соработка со седиште во Скопје.