„Министерот“ за одбрана од денеска може да биде и министер за економија

Голманот на македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски денес стана дипломиран економист, бранејќи го дипломскиот труд „Ризици и терминска структура на каматните стапки“, на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Ристовски истакна дека не планира да продолжи со ракометот откако ќе ја заврши кариерата, па се надева дека своето знаење од светот на бизнисот ќе го употреби и искористи во иднина, пренесува Екипа.

Чуварот на мрежата на Барселона, овој пат наиде на поинаков начин на бранење, па смета дека потешко е да се одбрани дипломска, отколку голот.

– За мене е многу потешко да се одбрани дипломска, бидејќи не е мое поле. Ракометот е веќе природна работа за мене, да се појавам пред неколку илјадна публика повеќе не е товар, но за мене ова е нов терен – додаде Борко.