Mинистерот Нухиу се сретна со претставници од Амбасадата на САД

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска имаше работна средба со Хит Вард, регионален офицер за безбедност и Ендрју Мофат, втор секретар во политички сектор при Амбасадата на САД во Скопје.

На средбата, како што соопшти МВР,  од страна на Вард и на Мофат, била потврдена досегашната извонредна меѓусебна соработка, додека министерот Нухиу изразил благодарност за поддршката во јакнењето на капацитетите на Министерството изминатиов период, која со несмален интензитет ќе продолжи и во иднина.

– Министерот Нухиу и американските претставници разговараа и за вонредните парламентарни избори кои се спроведоа во нашата држава, како и за активностите и превентивните мерки кои Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности, ги презема во справување со глобалната пандемија со Ковид-19, се наведува во соопштението на МВР.

На средбата присутните се согласиле дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е битен елемент во градење на доверба на државата и државните институции на патот кон Европската Унија, а Соединетите Американски Држави остануваат наш докажан стратешки партнер.