Минимална плата нема за сите – се жалат чевларите и текстилците

И покрај тоа што постои Закон за минимална плата сепак многу работници не го добиваат тој минималец, особено оние кои се во чевларската и текстилната индустрија.

Работниците велат дека тие се платени од час. Колку часа се на работа, толку плата ќе земат. Но, тоа никогаш не достигнува 12.000 денари. Велат, понекогаш се многу далеку од таа сума на пари.

-Минатиот месец земав 9.400 денари плата. Толку часа имав изработено. Платата ми беше пуштена нормално во банка. И не само на мене, туку целата фирма каде што сме повеќе од 100 луѓе. Никој таму нема минимална плата, а сите сме пријавени на 8 часа работно време. Каде е Законот? За кого важи? За нашиот газда дефинитивно не, раскажува Лиле, вработена во чевларска фирма.

Тие велат дека ниту порано, а ниту пак сега имаат минимална плата. Воопшто не се израдувале кога минималната плата се зголеми, бидејќи како што велат македонските газди ќе си најдат некој нивен “закон”, за да не им дадат на работниците она што заслужуваат.

И во текстилната индустрија случајот не е поразличен.

-Порано, кога минималната плата беше помала, земавме, а потоа ја враќавме. Некогаш се случувало и по 4000 денари да вратам, бидејќи имам заработено помалку. А, сега, кога имаше нов закон, не ни добиваме минимална плата во банка, туку толку колку што си имаш заработено. Ако не друго, барем со таа минимална плата ќе ми биде поголем просекот за да можам да земам кредит во банка, бидејќи секако не можеш да излезеш на крај со таа мизерна плата, вели Бети работник во текстилна фирма.

На работниците им останува само да се надеваат дека еден ден ќе има навистина закон, кој ќе ги опфати и нив, и кој ќе биде на нивна страна.