Минчев: Оваа Влада е фокусирана на реформите, и има сила да тргне во една долга, тешка и болна реформа во јавната администрација

Горан Минчев, министер за јавна администрација во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ вели дека Македонија е умерено подготвена во областа на реформи на јавната администрација и препораките во последните пет, 10 години се повторуваат. Според Минчев, реформата во јавната администрација е долг и тежок процес и тој не може да се заврши преку ноќ, ниту пак во еден месец, во една година, туку трае во континуитет.

„Прво е важно да се нагласи дека со измените во законот за организација, работа на органите на државната управа се формираше ново министерство кое произлезе од Министерството за информатичко општество и администрација. Значи, нов правен субјект, тоа е Министерството за јавна администрација. Тоа е првиот показател дека оваа Влада е фокусирана и на реформи во јавната администрација и дека има силна политичка волја, многу силно, многу решително да тргне во една долга, тешка и болна реформа во јавната администрација“, рече Минчев.

Како Министерство, вели тој, се повлечени три закони од собраниска процедура и тоа, како што додаде, е направено од две причини.

„Прво, затоа што постои правен субјект, а тоа е Министерството за јавна администрација и како носител на тие три клучни закони се јавува Министерството за јавна администрација. Втората причина е посериозна и се однесува на сите укажувања во извештајот на Европската комисија, а тоа е да направиме подобри, посистемски, поквалитетни закони кои ќе имаат поголем опфат. Во рамки на таа идеја, Министерството за јавна администрација го смени и пристапот кон правење на овие закони. Ако минатата влада ги правеше овие закони во рамки на владините простории, ние овој процес го сменивме, односно комплетно го отворивме. Кога велам го отворивме, мислам на вклучување на сите заинтересирани страни кои што можат да дадат придонес, со цел да се добијат закони кои што ќе бидат квалитетни, системски, кои што ќе овозможат реформа во јавната администрација. Јас ги класифицирам овие закони како почеток на реформите во јавната администрација“, нагласи Минчев.

Министерот се осврна и на препораките на Фискалниот совет за пензионирање на 67 години, посочувајќи дека е прерано да се говори за зголемување на возрасната граница за пензионирање.