Милиони од паркирање завршуваат кај извршители: ПОЦ без одговор колку народни пари се трошат

Со години наназад граѓаните на Скопје реагираат на начинот на кој Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) ги наплатува казните за непрописно паркирање. Особено бурни се реакциите за праксата наплатата да оди преку извршители, со што основниот долг често се зголемува повеќекратно поради дополнителни трошоци.

Скопје Инфо, по бројни реакции од граѓани, се обрати со конкретни прашања до претпријатието – колкав дел од побарувањата завршуваат кај извршители, дали тоа е единствениот начин на наплата и колку пари на годишно ниво завршуваат кај извршителите.

Одговорите што ги добивме отвораат повеќе прашања отколку што даваат јасни одговори.

Наплата преку извршители – законска обврска или избор?

Од ПОЦ велат дека како јавно претпријатие имаат законска обврска да ги наплатуваат побарувањата за извршените услуги, а дека извршителите се вклучуваат само кога корисниците не ги подмируваат обврските доброволно.

„Во случаи кога корисниците не ги подмируваат своите обврски и покрај опомени и дадени можности за доброволна наплата, претпријатието согласно законската регулатива покренува постапки за присилна наплата“, наведуваат од ПОЦ.

Според нив, станува збор за стандардна пракса што ја применуваат и други јавни претпријатија, а извршителите се ангажираат исклучиво согласно Законот за извршување.

Колку предмети завршуваат кај извршители?

Иако недоставуваат конкретни бројки за финансискиот ефект, од ПОЦ признаваат дека приближно 10 проценти од предметите завршуваат во постапка на присилна наплата.

„Околу 10 проценти од вкупните предмети завршуваат кај извршител, но оваа бројка не е фиксна и зависи од повеќе фактори, меѓу кои и наплатната дисциплина“, наведуваат од претпријатието.

Токму тука се отвора клучното прашање – ако ПОЦ годишно има илјадници предмети, дури и 10 проценти претставуваат значителна сума пари која завршува кај извршителите, а не во буџетот на претпријатието или во локалната самоуправа.

Колку пари завршуваат кај извршители – податок што не се соопштува

Во одговорите доставени до Скопје Инфо, ПОЦ не наведува колкава е вкупната сума што граѓаните ја плаќаат преку извршители, ниту колкав дел од тие пари се трошоци, а колкав е основниот долг.

Истовремено, во годишниот финансиски извештај за 2024 година, кој е јавно достапен, не постои јасна и издвоена ставка што покажува колку средства се наплатени преку извршители и колку од тие пари завршиле кај нив.

Ова отвора простор за сомнеж, бидејќи станува збор за јавни средства – пари на граѓаните – за кои јавноста нема јасен увид каде и како завршуваат.

Извршителите – познати по функција, непознати по име

Дополнителна контроверза е фактот што ПОЦ не открива со кои извршители соработува. Иако посочуваат дека станува збор за „овластени извршители од регистарот“, јавноста нема увид кои се тие, ниту колкав обем на предмети добива секој од нив.

Во пракса, тоа значи дека граѓаните плаќаат дополнителни трошоци, без да знаат кому точно одат тие средства и по кој критериум се избрани извршителите.

Од претпријатието уверуваат дека немаат интерес од зголемување на трошоците и дека извршувањето е „последна мерка“, но бројките покажуваат дека секоја година значителен број случаи сепак завршуваат во присилна наплата.

Систем што ја оптоварува јавноста

Од ПОЦ тврдат дека за нив најдобро решение е доброволна наплата и дека извршителите се „неоптимално решение“. Но реалноста покажува дека системот со години функционира на ист начин, без суштински промени што би го намалиле бројот на извршувања.

Во меѓувреме, граѓаните плаќаат зголемени суми, додека јавноста останува без јасен одговор колку точно пари годишно завршуваат кај извршителите и дали постои начин тој модел да се промени.

Она што е сигурно е дека станува збор за милионски износи на ниво на години, пари кои излегуваат од џебот на граѓаните, а за кои нема целосна транспарентност.

И токму тоа останува најголемото прашање: зошто, кога станува збор за јавни средства, податоците за нивната наплата и распределба сè уште остануваат делумно скриени од јавноста.