
Ако немате планови за викендов, а сакате добра забава, сите патишта водат кон Прилеп! Ќе има добра храна, музика и пиво на традиционалниот „Пиво фест“.
Со богата музичка програма, разновидна гастрономска понуда и десетици видови пиво, синоќа во Прилеп започна 23. издание на традиционалниот фестивал „Пиво фест“, кој ќе трае до недела.
На фестивалскиот простор посетителите ќе можат да уживаат во понудата на пет пиварници со околу 20 видови пиво, како и во богата понуда на скара и други специјалитети. Годинава ќе бидат организирани и алтернативна сцена, детска зона и фан-зона, со содржини наменети за сите генерации.
Фестивалот ќе биде отворен со диџеј настап, по што на сцената ќе настапат групата „Бонгас“, Огнен Здравковски и регионалната музичка ѕвезда Џенан Лончаревиќ.
Во следните три фестивалски вечери публиката ќе има можност да проследи настапи на повеќе домашни и регионални изведувачи. Најголем интерес се очекува за концертот на Милица Павловиќ во сабота, како и за настапот на Јелена Розга во недела, со кој ќе биде заокружено годинашното издание на фестивалот.

Од Општина Прилеп, која е покровител на манифестацијата, информираат дека сите подготовки се завршени и дека се преземени неопходните мерки за безбедно и непречено одржување на фестивалот.