Милчо Манчевски го снима својот петти филм

Петтиот филм на познатиот македонски режисер влегува во последна фаза на претпродукција, а првата клапа се очекува на 9-ти мај. Тој со својата екипа престојува во Њу Јорк, каде на Менхетн и Бруклин ќе се снимаат сцени од новиот филм насловен „Бикини“.

-„Новиот филм е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка. Станува збор за прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата „Прислушкувачи“ (The Wire) која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година“ стои во соопштението на С-прес.

Актерската екипа со која Манчевски ќе работи на овој филм се врвни професионалци и квалитетни актери со многу претходни остварувања. „Бикини“ е копродукција меѓу САД, Канада и Германија и е прв филм на Манчевски во кој не учествува Македонија. Се снима на повеќе локации низ Њујорк, како и во едно бруклинско студио. Директор на фотографија е младиот Џошуа Вајнстин од Њујорк, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон,  кој соработува со Манчевски на сите негови филмови.