Мијалков во судница вели дека нема докази дека УБК прислушувала, според експерт нема докази оти опремата е уништена

 Со тактичката опрема која била презентирана од израелска компанија за која поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков тврди дека при презентацијата биле снимени три системи кои во тој момент работат, не може да се врши масовно прислушување и дека мобилните оператори освен на МВР немаат право да дозволат никому пристап, тврди полициски експерт за МИА по денешното сведочење на Мијалков за предметот Таргет-Тврдина кој се однесува на масовното незаконско прислушување.

Мијалков денеска пред судот, како што пренесоа медиумите, рече дека му било презентирано од израелска компанија за високософистицирана опрема, која се сосотоела од три лаптопи и една мала антена, и дека на еден од лаптопите пред сите се појавила телефонска комуникација од повеќе разговори, преку нашите мобилни оператори.

Според експертот, со таква опрема може да се следат само неколку телефонски броеви кои се на таа базна станица, но не и сите оние илјадници кои беа прислушувани на целата територија на нашата држава. Тој појасни дека нашите мобилни оператори освен на МВР не смеат да дадат пристап до централата на никој друг.

Поранешен директор на УБК во неговото прво сведочење во тригодишниот судски процес каде е обвинет, тврди дека нема ниту еден доказ дека илјадниците снимени разговори се од Управата и дека таму се вршело прислушувањето.

-Ако ги снимал разговорите во УБК сведокот Ѕвонко Костовски и ги режел во Управата, можеше да се споредат тие цедеа со цедеата во УБК од посебните истражни мерки, но такво нешто нема, Истакна Мијалков пред судот.

Експертот за МИА за ваквото тврдење рече дека обвинението е базирано на масовното прислушување, за злосторничко здружување и за уништување на опремата во УБК и дека нормално, откако ќе се уништи опремата да ги нема разговорите кои ги вадел сведокот Костовски.

Мијалков денеска рече дека не формирал злосторничко здружение и дека дел од обвинетите ги запознал во судницата и дека кога некој би формирал група, веројатно нема да формира толкава група кои и нему не му се познати.

Утринава прва во судот сведочеше поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која рече дека не знаела што потпишува кога во УБК била формирана комисијата што ја уништи опремата за прислушувањето.

-До вакви сознанија дојдов кога Специјалното јавно обвинителство го отвори предметот „Тврдина“ кој се однесува на уништувањето на опремата. Од оваа перспектива, можам да кажам дека, гледајќи ги писмените документи, без да се имаат предвид изјавите на сведоците, невозможно е да се препознае за што точно станува збор во таа постапка каде што била уништена опремата, рече Јанкулоска.

Таа го потпишала таквото решение на 13 мај 2015 година, а извештај од работата на комисијата која ја уништила опремата добила на 8 мај 2015, односно ден пред настаните во Диво Насеље и пет дена пред да поднесе оставка и да биде разрешена од Собранието.

Околу 25 милиони евра е вкупната сума која 177 луѓе како оштета је бараат од државата за масовното прислушување кое произлезе од овој предмет на поранешното СЈО, јави Радио Слободна Европа. Станува збор за бизнисмени, новинари, политичари чии телефонски разговори со години ги слушале разузнавачи и фаќале белешки од нив. Барањата за надомест се од 30 илјади евра па се до 10 милион евра. Вкупно 35 сведоци во случајот до сега јавно побарале да бидат обештетени.

Покрај Мијалков и Јанкуловска обвинети се и поранешниот началник на петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од управата.