Миењето на улиците е во ред, но каде се министерствата да работат за загадувањето?

Еден ден по протестите против аерозагадувањето кои се закануваат да бидат по радикални ако надлежните не преземат ништо, се огласи само една институција – Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Почнаа да ги мијат улиците машински, оти така, како што објаснуваат, ќе се подобрел амбиенталниот воздух и ќе се делувало против загадувањето.

-Во рамките на интервентните мерки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во градот, започнавме масовна акција за чистење, што ќе се одвива на територијата на сите скопски општини. Покрај стандардните активности за метење и чистење, поради поволните временски услови, во текот на викендот и деновите потоа се спроведува и машинско миење на булеварите и улиците со автоцистерни, соопштуваат од Јавното претпријатие.

Добро е што нешто почнува да се прави, но дали ова е доволно? Секако дека не е. Миењето на улиците е за пофалба, но по секојдневното реагирање и повикување на одговорните челници да преземат мерки, во најмала рака- се очекува барем некаква изјава за конкретни мерки од Министерството за животна средина, од министерството за здравство… Но од таму си молчат.

Скопје и изутрината се разбуди загадено. Параметрите не се алармантни како претходните денови, но се повторно обоени во црвено – што значи дишеме ПМ 10 над дозволената граница.

Во меѓувреме, скопјани би требало да се радуваат оти надлежните допрва почнаа машински да ги мијат улиците, барем додека стигнат бесплатните заштитни маски,ако ништо друго – со надеж дека тоа ќе се случи оваа година.

Скопско Ехо