Мицкоски за случајот Фросина: Работите треба системски да се решаваат, ова што се случи е резултат на ад хок решенија

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, на владина прес-конференција посочи дека одредени структури за да ја зајакнат својата политичка моќ кадровски интервенирале во рамки на обвинителството и судството за случајот минатата недела на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, каде што животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

Во одговор на новинарско прашање поврзано со јавната расправа во законодавниот дом, која што беше иницирана од пратеничката група на владеачката коалиција по минатонеделната сообраќајка, Мицкоски нагласи дека работите треба да се решаваат системски, а не ад хок како досега.

„Сето тоа кое што планираме ние како пратеничка група на Коалицијата да го предложиме, многу скоро ќе го предложиме. Она кое што јас можам да го кажам е дека работите треба системски да се решаваат, а не ад хок. Ова што се случи е резултат на ад хок решавање на работите во позитивна насока, но и негативна. Овој пример, за жал, каде што прерано згасна еден млад човечки живот треба сите нас да нѐ освести, а најмногу прстот на чело треба да си го стават сите оние кои што за да ја зајакнат својата политичка моќ интервенираа кадровски во рамки на обвинителството и судството. Тоа е нешто кое што треба да нѐ опоменува сега и генерациите што следат, бидејќи грешките понекогаш знаат да бидат фатални. Видовте како се случи еден дивљак којшто управуваше со моторно возило да одземе еден млад човечки живот“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека деновиве добивал пораки за уште неколку слични случаи на овој, за кои рече, треба да се доистражат.

„Тоа што го добивам по пораки деновиве е дека има уште неколку случаи кои што треба да се доистражат, слични на овој или кои што можеле да бидат слични на овој. Сето ова е резултат на тоа што немаме системски решенија. Ние мора да имаме системски решенија за да не ни се случуваат вакви несреќи, а јас оние политички некрофили, луѓе кои што одлучуваат да печалат политички поени на овој случај остават на нивната чест и совест“, додаде Мицкоски.

Прашан дали Владата планира нови измени на Кривичниот законик, премиерот рече дека се разгледува и таа можност.

„Се разгледува и таа можност, но и усогласување со Извештајот на Оценкската мисија доставен до Министерството за правда и во рамки на европската пракса, се разбира дека размислуваме и тоа е наш услов од нашата амбиција да бидеме дел од европското семејство. Тоа нема да бидат измени на Кривичен законик поради што ние имаме некакви политички договри со некого за застарување и амнестија и слично, туку тоа ќе биде во духот на она кое што го бара од нас Европската унија и преговарачкиот процес“, рече Мицкоски.

На прашање поврзано со безбедноста во сообраќајот и сообраќајните казни кои беа намалени од страна на минатата Влада, Мицкоски потенцираше дека стои на ставот за изнаоѓање на системско решение, за кое рече го гледа во безбеден град и безбедни автопати.

„Не сакам да се враќам во времето и да ве потсетувам Беса транс, Ласкарци и така натаму, бидејќи тоа се случувања кои што сакам да ги избришам од мојата меморија, каде што десетици луѓе загинаа, а зошто и како не би сакал сега да зборувам. Стојам на ставот дека треба да се најде системско решение, а тоа го гледам во безбеден град, безбедни автопати и тн. Ако успееме еден живот да спасиме, ние сме ја завршиле нашата мисија како политичари“, рече Мицкоски.