
Премиерот Христијан Мицкоски уште денеска ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со овој случај, Мицкоски им се извини на граѓаните за пропустот и рече дека Владата ќе се потруди во иднина такво нешто да не се повтори.
- Ги следев тие реакции, навистина тоа коешто таму се случило, претставува нешто коешто не требало да се случи. Јас ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба бидат изнајмувани и користени за такви намени. Јас им се извинувам на граѓаните поради тоа што тој пропуст е направен и се случил и ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Така што уште денеска ќе побарам да бидат, и челновите на управниот одбор и директорот на таа културна институција, разрешени, посочи премиерот.