
Некои политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, се обидуваат да го бојкотираат донесувањето на измените на Изборниот законик, односно го бојкотираат процесот земјата да испорача десет од десет индикатори од Реформската агенда, истакна премиерот Христијан Мицкоски при вчерашната посета на Кавадарци одговарајќи на новинарско прашање за вчерашниот состанок во Парламентот околу можноста да се донесе Изборниот законик.
Како што рече, по состанокот тој е се помалку оптимист за ова прашање.
-Очигледно е дека кај тие политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, постои страв и тие се обидуваат да го бојкотираат процесот за да не испорачаме десет од десет индикатори од Реформската агенда. Во ред девет од десет ќе има, а единствениот преостанат е Изборниот законик. Ние не сакаме тој да се носи со европско знаменце, ниту целиот процес да биде некако изнасилен. Мислевме дека имаме работа со зрели и одговорни луѓе кои се грижат за иднината на земјата, но очигледно е дека партиските интереси, партиското политичко мочуриште, финансиските интереси и некои други интереси се пред и над се ние тука не можеме да помогнеме, но по вчерашниот состанок се помалку сум оптимист – изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тие како политичка партија, јасно го изнеле ставот оти гласањето на дијаспората е нешто што за нив претставува стратешка цел, додека за дел од политичките партии рече дека излегле со сосема радикализирани позиции.
-Едната позиција беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е позиција која некој ја поставува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица, од СДСМ ги знаете барањата и така натаму. Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. За тоа сме согласни. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем – објаснува Мицкоски.
Но принципиелно, како што вели тој, никој не одлучува со консензус, освен во еднопартиски систем.
-Во демократијата, мнозинството ја носи одлуката. Тоа е суштината на демократијата. Ние не сме консензуална држава, ниту еднопартиски систем, па сите одлуки да се носат со консензус. Тоа е едното. Второ, мораме да најдеме начин. Ние на маса го претставивме и нашиот предлог – да се гласа по пат на пошта, со писма, како што тоа е овозможено во неколку десетици земји-членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме, се да прифатиме и една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми. Нека има, нека се рекламираат ако сметаат дека тоа им е важно, само да го донесеме Изборниот законик - нагласува премиерот.