Мицкоски со најголем рејтинг меѓу политичарите, ВМРО-ДПМНЕ со убедливо водство меѓу партиите - покажува најновата анкета

Повеќе од една третина од граѓаните сметаат дека работите во Македонија одат во правилна насока, што е за три проценти повеќе од резултатот на истото прашање од анкетата во април годинава. Ова го покажува истражувањето кое го спроведе порталот МКД.мк, заедно со агенцијата Маркет вижн ги прави, спроведено од 20 јуни до 4 јули. Во однос на рејтинзите на политичките партии и нивните лидери, и оваа анкета покажа дека ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски и натаму се во убедливо водство.

На прашањето „во која насока сметате дека се движат работите во Македонија“, 34,3 отсто од испитаниците одговориле дека насоката е правилна, а 40,5 отсто сметаат дека насоката е погрешна. Податоците покажуваат дека сѐ поголем број на испитаници сметаат дека земјата се движи во правилна насока.

Меѓу лидерите на политичките партии, Христијан Мицкоски има најголема доверба кај граѓаните со рејтинг од 26,9%.

Од албанскиот политички блок со највисок процент на доверба според истражувањето на МКД.мк и натаму е лидерот на ДУИ, Али Ахмети (6%). Венко Филипче како претседател на СДСМ е на третото место со доверба од 4,7%. Претседателите на партиите од коалицијата Вреди, Изет Меџити и Билал Касами имаат по близу 2 проценти, а Африм Гаши има 1%.  Претседателите на ЗНАМ и на Левица, Максим Димитриевски и Димитар Апасиев се изедначени со по 3%.

Од политичките партии, слично како и кај лидерите, предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред опозициските партии е убедлива. Дури 23,8% од испитаниците се изјасниле дека на следните избори ќе гласаат за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Кај партиите на Албанците во Македонија опозициската ДУИ е во мала предност пред вкупниот резултат на владината коалиција Вреди.

Повеќе од половина од испитаниците кои споделиле за која партија ќе гласаат на наредните избори, го избираат ВМРО-ДПМНЕ. Тука, ако се споредат резултатите на определените гласачи со минатите истражувања, пред локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ имаат раст, а благ пад има кај Левица и ДУИ. Падот на Вреди е поврзан со напуштањето на коалицијата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.