Мицкоски со мерки за инфраструктурен бум

„Македонија со Заев стана држава на апсурди, во која премиерот, кој владееше три години, со неправда се свести пред избори дека требало правда. Апсурди во кои владејачката партија поседува штаб за креирање кризи во исто време кога кај нас работи штаб за креирање проекти и програма. Но, јас нема да влегувам во неговата кал ниту, пак, да се занимавам со кризи. Јас ќе говорам за тоа како ќе ја промениме реалноста, како ќе излеземе од кризата во која нè туркаат, како ќе решиме што повеќе проблеми и ќе донесеме обнова, која ќе значи повеќе за секого, за секој човек, за секој бизнис во земјата. Повеќе правда, повеќе економија, повеќе сигурност и надеж“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој на прес-конференција рече дека неговиот главен фокус ќе биде онаму каде што сега сме најслаби, а тоа е економијата.

„Таа е фундаментот за добриот живот. Нема развиена економија, без добра инфраструктура. Ќе промовирам денес 12 нови проекти, кои ќе бидат дел од обновата кон која се обврзуваме од областа на транспортот и инфраструктурата. Затоа се обврзуваме на обнова, која ќе донесе автопатско поврзување на Скопје со Битола, тоа ќе значи градба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола. Ќе изградиме автопат по кој од Скопје до Битола ќе се патува за еден и пол час. Ова значи нова патна артерија, нов коридор, односно ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп, па сè до Битола, кој е од стратешко значење за пелагонискиот крај и за еден милион граѓани. Воедно, ќе го доизградиме сето она што е започнато, т.е. автопатите што ги почна и предвиде владата на ВМРО-ДПМНЕ, автопатот Кичево – Охрид и автопатот Скопје – Блаце.

Се обврзуваме за обнова што ќе донесе нов асфалт за регионални патишта во државата. Да нема неасфалтиран регионален пат, односно целосна реконструкција на повеќе од 1.000 километри регионални државни патишта. Ова значи за еден мандат ќе го замениме целиот дотраен асфалт на сите регионални патишта во земјата, односно до Берово, Дојран, Делчево, Пехчево, Пробиштип, Ресен, Дебар, Кичево, Македонски Брод и другите градови ќе се вози на целосно нов асфалт. Се обврзуваме за обнова, која ќе донесе 2 милијарди евра за инвестиции во патишта. Овде, пред сè, спаѓаат инвестициите и градбата на автопатиштата, експресните и регионалните патни правци. Значи, за еден мандат инвестиција од минимум 2 милијарди евра, што ќе биде значителна финансиска инјекција за градежниот сектор. Се обврзуваме на обнова, која ќе значи изградба на 150 километри експресни патишта во целата држава.

Се обврзуваме на обнова, која ќе значи изградба на нов експресен пат од Куманово до Крива Паланка. Ова ќе значи целосно поврзување со експресен пат, со широк и безбеден коловоз од Куманово до Крива Паланка за посилен економски развој на овој дел од Македонија. Се обврзуваме на обнова, која ќе значи изградба на нов експресен пат од Битола до грчката граница, што ќе значи дека покрај тоа што од Скопје до Битола ќе имаме автопатско поврзување со градба на автопатот Велес – Прилеп – Битола, од Битола до грчката граница ќе се вози по нов експресен пат. Се обврзуваме на изградба на нов експресен пат од Струмица до границата со соседна Бугарија. Ова ќе биде особено важно за развојот на Струмица, Ново Село, Василево, Босилово и околината. Воедно, се обврзуваме и на завршување, т.е. довршување на експресните патишта што ги почна и за кои проектирањето го заврши и го обезбеди финансирањето претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно доградба на експресниот пат Штип – Кочани, експресниот пат Штип – Радовиш и експресниот пат Градско – Прилеп.

Се обврзуваме на обнова, која ќе значи 300 милиони евра инвестиции во изградба на нови водоводи и канализации во целата земја, со што многу населени места ќе добијат чиста вода за пиење и канализација за пристоен живот. Се обврзуваме на обнова, која ќе значи купување 5 нови возови за подобри услови во железничкиот сообраќај и сериозна модернизација на возниот парк. Се обврзуваме на обнова, која ќе значи изградба на пруга Битола до Грција и пруга за Бугарија, која многупати во минатото беше ветувана, но конечно денеска можеме да ветиме дека тоа во мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го завршиме. Се обврзуваме на обнова, која ќе обезбеди нови евтини авиолетови до главните европски аеродроми и поврзување со европските центри. Воедно, ќе работиме и за обезбедување првпат прекуокеански летови до САД за поевтина и полесна комуникација. Се обврзуваме на обнова, која ќе значи целосна дигитализација на Катастарот за нулта корупција. Ова ќе значи поедноставени процедури за граѓаните и борба против митото и корупцијата за добивање услуги што им следуваат на самите граѓани“, рече Мицкоски.

Според него, ова се само дел од мерките од нашата програма кон која се обврзувам и обновата за која ќе се избориме. Ова се мерки и обнова што ќе донесе градежен и инфраструктурен бум.

„Инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината и економскиот развој, наш двигател на над триесетина стопански дејности, кои директно или индиректно се поврзани со градежништвото, транспортот и инфраструктурата. Само со овие мерки ќе се обезбеди раст на градежништвото од просечни 30-ина проценти во време на нашиот мандат, што значи 30-ина проценти повеќе плати, повеќе работа, повеќе развој на економијата, повеќе за секого. Внимателно се обмислени и нема да ветам нешто што нема да го исполниме. И, затоа, внимавам што ветуваме, со чесност и честитост, со работа и многу работа, со принципи и вредности ќе стигнеме до резултатите што ги ветуваме и на кои се обврзуваме. Инвестициите во инфраструктурата ќе значат обнова што заедно ја планираме со стопанските комори, експертите и тимот на стратешки соработници. Повеќето од проектите се и барање на самите граѓани. Ова е обнова во инфраструктурата, која ќе значи повеќе автопатишта, повеќе експресни и нови регионални патишта, повеќе во железничкиот сообраќај, повеќе евтини авиолетови, повеќе во комуналната инфраструктура, повеќе за секого. Обновата доаѓа, победата е пред прагот и за тоа ќе се избориме заеднички и силно“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

latest jordans | Air Jordan XXX1 31 Colors, Release Dates, Photos , Gov